
Експлозија во Романовце – три деца загинаа, четворица во критична состојба
Наместо мирен и спокоен неделен ден, кумановско Романовце денес доживеа голема трагедија. Три деца на 8, 9 и 11 годишна возраст биле на гости кај своите баба и дедо, а загинаа во дневната соба каде што седеле. Не можеле да се спасат во пламенот и чадот предизвикан од експлозија на плинска боца. Надлежните направија увид, но само за да потврдат дека тоа е причина за несреќата. Соседите веднаш дошле да помогнат кога слушнале невообичаен и силен звук близу до нив.
За трагедијата да биде уште поголема, четворица се во критична состојба и на интензивна нега во болница, со изгореници од трет и четврт степен. Во куќата имало и бремена жена која се спасила. Вкупно седуммина имаат некакви повреди и се хоспитализирани во Скопје – некои од нив на КАРИЛ, а некои во Старата градска болница.
Додека полицијата вршеше увид на обезбеден терен каде што се случи трагедијата, во кратка посета на Романовце дојде и заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу. Тој изрази сочувство и им порача на повеќе институции да им помогнат на преживеаните членови од семејството повторно да водат нормален живот.
Надлежните го завршија увидот, а локалното население остана потресено да коментира дека нивното село памети бројни пожари во минатото, но ова е прва ваква трагедија.
Петар Догов