Експертските тимови подготвени за скрининг на законодавството

Се подготвува теренот за скрининг на законодавството. Двете страни веќе ги формирале експертските тимови кои ќе го анализираат степенот на подготвеност на нашата земја за преговори со Унијата. Македонија мора да и испорача на ЕУ судски реформи и истраги, обвиненија и пресуди за високи функционери, борба против криминалот и корупцијата, спроведување на Договорот со Грција. Експертите предупредуваат дека претстои тежок едногодишен период во кој мора да одговориме на сите предизвици. Се очекуваат конфронтации и опструкции. Остатокот од патот нема да биде лесен.

„Верувам дека во процесот ќе има и опструкции, не дај Боже да ни се случи некаква колективна аболиција каква што имавме нели во 2015, 2016. Но, верувам дека Владата е свесна дека без овие промени, нашите евроатлантски би ја изгубиле и смислата. Така да, ова и нам како граѓани ни е позитивен дел од тој заклучок на Европскиот совет, дека тие реформи повеќе не може да се избегнуваат. Но, мислам дека е порака до сите чинители во општеството, не само до Владата туку и до сите чинители, дека процесот треба да се забрза“ кажа Алберт Муслиу, аналитичар.

Еден од клучните услови за добивање датум за отпочнување преговори е реформата во јавната администрација и нејзина деполитизација. Клучот за вработување треба да биде  професионализмот, а не партиската книшка.

„Да се отстранат преклопувања во број на надлежности, да се укинат институции за коишто ќе се процени дека нема потреба да постојат, да се спојат повеќе во една, да се работи на унапредување на отчетноста на администрацијата кон политиката, отчетност на администрацијата кон граѓаните. Но, она коешто не е административен проблем, а создава проблем преку администрацијата, тоа се политичките влијанија врз процесот на селекција на кадри. Таканаречената партизација на вработените. Тоа е нешто што во теоријата го нарекуваме клиентелизам и тоа не е административен проблем. Тоа е политички, економски и социјален проблем“ кажа Драган Гоцевски, универзитетски професор.

Скринингот на македонското законодавство ќе стартува на 17 јули и ќе го објави во Скопје Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.  Процесот ќе го води ЕК. Врз основа на информациите, земјите членки на Унијата ќе ги носат своите одлуки во процесот на преговори со Македонија.

Јулијана Пешевска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ