
Експерти: Политиката да стои настрана од економијата, за годинава стапката од 3,2 отсто е остварлива
Политиката да стои настрана од економијата, сугерираат експертите откако домашниот БДП минатата година воопшто не порасна, што се смета за стагнација. Политичката криза, долгиот вакуум и насилството при смената на власта се причина за лошите резултати, но и фактот што прекина истурањето државни пари во градежништвото, кое доживеа огромен пад и ја повлече надолу целата економија. Ова покажа дека нашата економија била директно врзана со власта, вели професорот Поповски, кој смета дека таа практика мора да престане. Немаме друг избор освен да се ослободат пазарните механизми, но дали така се однесуваат новите власти?
„Мора Владата сега прво да извлече поука за себе, дека треба што помалку да се меша во економијата. Сегашната Влада не го намалува своето мешање во економијата, дури и го зголемува, и со директно мешање, што го гледаме секој ден, па дури и со закони кои значат мешање, како што се купување на приватни компании со 25 нотсто, давање субвенции за инвестиции, за вработувања, за извоз, тоа значи дека кога ќе прекинат, повторно ќе се одрази таму каде што сега инвестираат, гледате, инвестираа во градежништвото, и сега БДП падна кога престанаа“, вели Никола Поповски, универзитетски професор.
Аргумент плус е фактот што и во иднина можат да следат лоши политички години, при евентуален неуспех да се реши прашањето со името и да се обезбеди влез во НАТО, но и можни нови избори. За нас сега воопшто е небитно дали ланската година сме ја завршиле со стапка нешто под или над нулата, или еден отсто, бидејќи ни треба многу повисок раст. За годинава Владата прогнозира 3,2 отсто. Според Поповски, тоа воопшто не е предизвик, бидејќи се прави споредба со стапка нула од 2017, така што раст од 3 или 4 отсто е сосема остварлив. Но, тој позитивен тренд треба да се задржи и во 2019, за што економските активности мора автономно да се развиваат, со политики неутрални кон сите сектори, и добри институции.
Капиталните инвестиции не треба да се форсираат без анализи, смета Поповски, таква грешка е направена со автопатот Кичево-Охрид, и иако тој нема да го реши проблемот со тесните грла, новата Влада е решена во него да вложи уште 150 милиони евра, со што неговата цена ќе порасне на 500 до 600 милиони.
„Тоа сега можеби ќе внесе малку нова динамика, откако ќе ги вбризгаат новите пари, но тие пак ќе престанат, ние не можеме да водиме економија која доминантно ќе се потпира на вбризгување на јавни пари кои ги плаќаат од свој џеб даночните обврзници, дали се тоа бизнисите или граѓаните сеедно, кои завршуваат на крај само бизнисите кои треба да ги поттикнуваат своите натамошни бизниси. Тоа не е пазарна економија“, вели Поповски.
Според професорот, за економијата е клучно да се ослободи иницијативата и претприемништвото на приватниот сектор, а државата да не биде стимулатор, туку само регулатор, во спротивно растот ќе биде само на краток рок.
Нина Нинеска-Фиданоска