Економските министри свесни дека предвремени избори ќе и наштетат на економијата

Министрите од економскиот тим на Владата ги прифаќаат пораките што стигнаа од Светска банка, но и од МАНУ и од Стопанската комора, дека можни предвремени парламентарни избори ќе и наштетат на економијата и затоа сметаат дека е најдобро проблемот со името да се надмине преку гласање во Собранието. И владините анализи покажаа дека секогаш кога имаме нови избори, доаѓа до стагнација на економијата, па затоа ние како одговорни политичари треба да ги решиме проблемите преку институциите, за да не ја ставаме во залог економијата, вели министерот Бектеши.

  • Овие денови треба да покаѓеме зрелост, да излеземе од нашите партиски табори и да преземеме одлуки за доброто на државата и сите граѓани. Треба да знаеме дека ако сега има предвремени парламентарни избори, а наредната година, пак, мора да има парламентарни избори, а знаеме дека кога во Македонија има избори, од одржување на кампањите, се до моментот додека се сертифицираат изборите, ништо во државата не може да се спроведе“, вели министерот за економија, Крешник Бектеши.

И вицепремиерот Кочо Анѓушев верува дека Парламентот ќе најде сила да го реши проблемот, бидејќи токму приклучувањето кон ЕУ и НАТО значи безбедност и стабилност, што е најважно за економијата. Светска банка предвиде раст од 2,5 отсто за годинава, но Анѓушев вели дека ако не се оди на нови избори, Владата останува на очекувањата за раст годинава од 3,2 отсто.

Од Светска банка стигна и порака дека Владата треба да го стабилизира јавниот долг, кој годинава треба да достигне 50 проценти од БДП. Бизнисмените сметаат дека ова ниво не е високо, Горан Рафајловски дури смета дека Светска банка треба да и одобри голем кредит на земјава, а старите долгови да ни ги репрограмира под поволни услови, бидејќи само така ќе може да се развие нашето стопанство.

Владата, пак, во најновата фискална стратегија наведува повисок процент, со став дека на среден и долг рок, лимитот на јавниот долг не треба да надминува 60 отсто. За Рафајловски, лимитот го одредува Министерството за финансии, согласно потребите на државата.

  • Се додека вие сте способни да ги враќате средствата за кои сме се задолжиле, никогаш не сте многу задолжени. САД должат трилиони, но нивниот долг се враќа навреме и никој не вели дека се презадолжени. Земја што сака да се развива мора да земе средства на кредит, никој од штедење не успеал да направи сериозен развој“, вели бизнисменот Горан Рафајловски.

За забелешките за капиталните инвестиции, од Владата велат дека градежни зафати не треба да се изведуваат по  која било цена, и непотребно да се трошат парите на граѓаните, туку тоа да се прави домаќински, и по цена да се изгубат неколку месеци.

 

Нина Нинеска Фиданоска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ