Економијата во првите три месеци порасна за 4,1 отсто, невработеноста падна на 17,8 отсто

Власта задоволна од резултатот, велат, растот на економијата е најубавата вест заедно со забрзувањето на евроатлантските интеграции, и тоа ќе донесе подобар животен стандард за сите. Кога дојдовме во 2017, нагласуваат, БДП имаше пад од 1,8 отсто, но сега, благодарение на добрите политики и планот за економски раст, економијата се движи напред. Премиерот со порака и до газдите на фирмите, штом толку добро им оди, да го одврзат ќесето и за работниците.

Ако за цела 2019 власта планираше раст од 3,2 отсто, сега Министерството за финансии ќе ги зголеми плановите нагоре и ќе предвиди стапка од 3,5 отсто, но според премиерот, иако добро оди, треба да се почекаат и официјалните бројки за вториот квартал. Таму сигурно треба да влезе и изградбата на автопатот Кичево Охрид, чии ефект за малку не успеал да влезе во првиот квартал, што ќе донеле уште подобар исход.

Уште една бројка ја охрабрува власта, невработеноста во истиот период се намали на 17,8 отсто, или за првите три месеци вработени се 17 илјади и 600 лица. Од Владата велат за време на нивниот мандат невработеноста паднала за 4,8 отсто, или се случиле 49.522 нови вработувања.

Најголем раст во првиот квартал забележало земјоделството, дури 13,6 проценти, откако ланската година ја заврши со пад од 5 проценти. Дека се враќа во форма покажува и градежништвото, тоа е во позитива од 7 отсто, што е чекор напред ако се знае дека минатата година му одеше слабо, со раст од само 0,2 отсто. Пораст од 3 ипол отсто има и преработувачката индустрија, а трговијата отишла нагоре за 6,6 отсто. Незначителен пад има кај два сектори, информациите и комуникациите и финансиските дејности.
Ако лани завршија со посериозен минус од 7,2 отсто, бруто инвестициите во првиот квартал од годинава пораснале за 9,9 отсто, што говори за инвестирањето на компаниите, и домашни и странски.

За експертите, ова се први постабилни знаци што може да доведат до натфрлање на првичните прогнози. Од институтот „Finance Think“, велат дека во услови на отуство на владин фокус врз економијата и значајна подреализација на државните капитални инвестиции, еконмските резултати за првиот квартал се оптимистички, особено што приватниот сектор е главниот генератор на растот.

 

Нина Нинеска Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ