Економијата порасна за три отсто, градежништвото уште во грч

Економијата порасна за 3 отсто во третиот квартал, откако и во вториот имаше иста стапка, а во првото тримесечје многу послаба – само 0,9 проценти. Сепак, еден од некогашните главни мотори, градежништвото, уште е во грч, се намалило за 2,6 отсто, откако пад од 2 проценти имаше и во вториот квартал. Пад има и кај бруто инвестициите за 8,5 проценти, што значи дека е намалено инвестирањето.

Најдобро им одело на секторите уметност и забава, како и обложувалниците, игротеките и казината, таму вкупниот раст е 17 отсто, рударството пораснало за 3,6 отсто, а индустрија за 4,1 отсто. Но, лошо му одело на земјоделството, по позначајниот минус во вториот квартал, пад и во третиот од околу 5 отсто.

Владата задоволна, велат – ова е раст на реални основи, а не заснован на виртуелни проекти, и постигнат без нови задолжувања, како што правеле претходниците, кои земале големи кредити, а имале исти стапки. Економијата се враќа на редовната патека, вели вицепремиерот Анѓушев, предвидениот владин раст од 2,8 отсто, е возможен. За градежништвото вели дека проектите се откочени и ќе заживее.

Третиот квартал е периодот од јули до септември, а проектите како што е автопатот Кичево-Охрид, првата фаза од железницата од Куманово до Бељаковце и остантите експресни патишта ги почнавме подоцна. Првите резултати што ние ги имаме во институциите, а и се надевам дека тоа ќе го потврди и Статистика, е дека градежништвото ќе покаже многу поголем раст од претходните години, вели вицепремиерот Кочо Анѓушев.

И за бизнисот ова е индикатор дека состојбите одат по нагорна линија, планираната стапка годинава може да се оствари, но мора да се почека и последниот квартал. Точно е, велат од комората, дека градежните проекти беа успорени.

Знаете дека и Здружението при Стопанската комора на Македонија имаше средба со министеротр Сугарески, се разговараше и за она што беше проблематично, околу пролонгираниот рок на ревизијата на деталните урбанистички планови, но тоа се процеси што треба да се заокружат и градежништвото да генерира повисоки стапки на раст, вели Билјана Пеева од Стопанската комора на Македонија.

И Светска банка, која за годинава ни предвиде стапка од 2,5 отсто, гледа позитивен тренд, да не заборавиме, велат, дека минатата година заврши со стагнација. Но земјава каска зад европскиот стандард.

Инвестициите се враќаат, и тоа е добра вест, потребна им е секако силна поддршка. Тоа е така затоа што за Македонија е клучно да го забрза растот со цел да се намали јазот со приходите во Европа“, вели Марко Мантованели од Светска банка.

Според Статистика, расте финалната потрошувачка, но помалку трошеле домаќинствата, каде растот е 3 отсто, наспроти државата, каде јавната потрошувачка е во плус за дури 9,6 проценти.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ