Еколошките налепници на товар на граѓаните?!

Еколошките налепници кои ќе покажуваат кое возило колку го загадува воздухот ќе бидат на товар на граѓаните. Тие ќе се добиваат при регистрација на возилата и засега ќе се однесуваат само на автомобилите. Автобусите и камионите во оваа фаза ќе куртулат од мерката.

Бројките говорат дека во земјава се регистрирани околу 460 000 возила  од кои над 77 % се со еуро 1, еуро 2 или без стандарди што значи дека ќе ја добијат црвената налепница што значи дека ќе им биде забрането да возат во деновите кога воздухот ќе биде многу загаден. Владата вели дека мерката нема да удри врз џебот на граѓаните.

 „Здравјето е најважно, сите треба да го решаваме проблемот со загадувањето, кажа Јани Макрадули зам. мин за екологија.

Скопје денеска се најде на 14 место на најзагадени градови во светот. Ако се знае дека според анализите возилата се втор извор на аерозагадување, тоа значи дека владината мерка ќе удри на поединците.

Иако дневно во градот во периодот од 11 до 13 часот влегуваат околу 30 000 возила, ограничување на движењето што ќе го наметнат налепниците нема да го отежни движењето низ градот, уверува Макрадули.

 „Градот ќе возврати со нови автобуси, поеколошки ќе е сообраќајот, ќе ја заборавиме комоцијата да се возиме сами во кола, мерката ќе важи и за институции и курурски служби“.

Граѓаните не се уверени во тоа дека еколошки налепници ќе го намалат аерозагадувањето. Градот може да се ослободи од старите возила, но воздухот и натаму ќе биде опасен по здравјето.

 „Нема да се намали, исто ќе биде, освен ако не си набават нови возила, секој сака нова кола, но ќе вози што има, кажа Керим Шабани – трговец со возила.

Предлог законот предвидува строги контроли на техничките служби кои ќе ги издаваат налепниците. Возилата што нема да стават налепница ќе бидат предмет на почести контроли за количината на издувни гасови од возилото.

Ако не ги исполнува стандардите ќе биде исклучен од сообраќај, а казните ќе се движат од 300 евра па нагоре. Субвенциите кои ги планира владата за набавка на електрични и хибридни возила се очекува да ги искористат околу 200 граѓани, а субвенциите за уреди за метан или течен гас околу 1200.

Виолета З Стојановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ