Активистите кои со жив штит го бранеа Водно за малку прегазени од багер

Екологистите од утрината застанаа во одбрана на шумата на Водно од багерите кои го израмнуваат теренот и ја подготвуваат трасата на гасоводот.

Неколкумина активисти се собраа нa сртот на планината, застанати пред механизацијата со која секојдневно се ископува.

Со жив штит се спротивставија на работата на мајсторите, а на местото поставија и импровизиран камп. Вистинска драма се случувала после девет часот, кога пристигнале багеристите. Едниот од нив, добил наредба од шефот да ги прегази оние кои му стојат на патот.

„Во моментот кога беа багерите, ние станавме, се свртевме кон нив и тогаш дојде двократна наредба од одговорно лице, и рече „гази, оди напред“. Возачот на багерот којшто културно го изгаси багерот, излезе, седна под сенка и рече „нема да газам живи луѓе.“ кажа Игор Смилев од Иницијативата „Го Сакам Водно“.

Според активистите, фирмата продолжува со изградбата, но без да поседува соодветна документација и дозвола за градежни работи за тој дел од трасата.

„Денеска нашите активисти се на Водно, бидејќи во претходните денови се продолжи со работа на трасата од делницата 5, иако беше најавено дека ќе има промени на трасата, надлежните односно изведувачите продолжија да ја пробиваат по претходната. Сметаме дека во моментот тоа се прави нелегално, на небезбеден начин, на необележан терен, на немаркиран терен.“ кажа Дарко Ристовски од Иницијативата „Го Сакам Водно“.

Брза реакција уследи од Македонски енергетски ресурси од каде во допис до градежната фирма, побараа да биде казнет работникот кој се закануваше дека со багерот ќе ги прегази екологистите.

„Македонски енергетски ресурси бара од Вас да го отстраните работникот од градилиште и истиот повеќе не смее да се појавува при реализација на градежните активности, а вие да одредите дисциплински мерки кон истиот.“ се вели во соопштението на Македонски енергетски ресурси АД.

Од Иницијативата „Го Сакам Водно“ посочија дека никој од надлежните не одговорил на нивната покана за јавна дебата. Сметаат дека само со отворена дискусија жителите на Скопје можат да се едуцираат што се случува на Водно и со која цел.

Петар Догов

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ