
Екипа на Телма избркана од Катлановска бања, скандалот со дивите лекари ги засилува инспекциите во другите бањи
До Катлановска бања денес не можат да пристапат ниту пациентите, ниту новинарите. Забрането е примање нови пациенти. Обезбедувањето на бањата, не избрка и од пред портите, каде што е автобуската постојка за линијата број 53. Велат, станува збор за приватен имот. Со закани за засилено обезбедување, тие не дозволија камерата на Телма, да го сними објектот во кој лекари на диво лекувале пациенти.
Вратите на Катлановска бања се затворени за нови пациенти. Така и ќе остане се додека лекарите не обезбедат дозвола за вршење здравствена дејност. Државниот санитарен и здравствен инспекторат забрани медицинско лекување, а бањското лекување може и понатаму да се одвива непречено.
По наше барање за средба, со управителите на Катлановска бања, добивме одговор дека не сакаат да коментираат, а свој став до медиумите ќе испратат во наредните денови.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат вчера објави дека по инспекцијата во Катлановска бања, утврдено е дека тројца лекари – странски државјани лекувале пациенти без дозвола за работа од Министерството за здравство, како и без лиценца од Лекарската комора. Поради тоа, Филипче најави засилена активност на терен.
„Не секоја бања е регистрирана како приватна здравствена установа, туку како ДОО или ДООЕЛ. Тоа е нешто што ние ќе го средиме, да биде согласно на важечкиот закон. После овој наод на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, денес е закажан состанок со Фондот за здравствено осигурување, за да го разгледаме овој проблем и од тој аспект, во смисла склучување договори со Фондот, меѓутоа и од правен аспект во смисла дозвола која што се дава од Министерството за здравство – дали е или не е издадена, ќе се провери и во сите други бањи“ изјави министерот за здравство.
Фондот за здравствено осигурување склучиле договор и давале пари за лекување на пациенти во Катлановска бања. Оттаму велат дека по забраната за вршење здравствена дејност во установата, договорот е ставен во мирување.
„Пред склучувањето на последниот договор, ФЗОМ се обрати до Министерството за здравство во врска со правото на Катлановска бања да врши здравствена дејност. Добивме мислење дека дека Катлановска бања е опфатена во мрежата на здравстени установи и ФЗОМ треба да продолжи да склучува договор со истата“, велат од ФЗОРМ.
Сите осигурени пациенти кои имаат започнато постоперативна терапија во бањата, ќе продолжат ја добиваат. Пациентите кои се на листа на чекање, ќе мора да се рехабилитираат во друга бања.
Од Министерството за здравство очекуваат во наредниот период службите на Катлановска бања да ги соберат документите за регистрација, за да можат повторно, на регуларен начин со дозвола за работа, да даваат медицински услуги.
Петар Догов