ЕК препорачува постепено отварање на внатрешните граници на 15-ти јуни, а со Западен Балкан од први јули

Европската комисија препорачува да се олабават сите рестрикции на внатрешните граници кои беа воведени поради ситуацијата со корона вирусот. Објаснувањето е дека ситуацијата со пандемијата рапидно се подобрува во сите земји-членки, па европските земји може постепено да ги олабават рестрикциите веќе од понеделник.

  • Ситуацијата е добра каде во сите земји-членки се воведени мерки како социјална дистанца. Затоа ги повикуваме сите овие земји да ги олабават сите внатрешни гранични контроли во понеделник – Илва Јохансон, еврокомесар за внатрешни прашања.

Сепак, препораката е несуштинските патувања да се одложат за уште две недели, односно до 30 јуни. Комисијата препорачува надворешните граници на Унијата, да се отворат од први јули. Ова ќе важи и за земјите од Западен Балкан.

  • Препораката за Западен Балкан ја донесовме базирајќи се на две работи. Прво епидемиолошката состојба во овие земји е слична или подобра споредено со  ЕУ. И второ, имаме специјални и блиски односи- Илва Јохансон, еврокомесар за внатрешни прашања.

Комисијата смета дека ограничувањата на внатрешните граници на Унијата и во шенген зоната не се ефективен начин за справување со пандемијата.

А, што покажува бројот на заразени со корона во Европа? Најмногу заразени има во Велика Британија, Италија и Германија. Многу европски земји не ги ажурирале податоците за бројот на заразени денеска. Но, вчера во Европа се регистрирани речиси 14 илјади ново-заразени и 757 починати од Ковид 19.

Во светот, најмногу заразени има во Соединетите држави. Таму, бројот на заболени помина два милиона, а починати се повеќе од 115 илјади луѓе. Второ жариште е Бразил, а трета најпогодена земја од пандемијата е Русија.

Марија Дивитарова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ