ЕК ќе даде чиста препорака за земјава, датумот зависи од земјите-членки  

Позитивен извештај со чиста препорака до Советот на ЕУ да даде датум за стар на преговори за членство е она што ќе го добие земјава од Европската комисија на крајот од мај. Според дипломатски извори, доколку земјава не добие датум во јуни Унија многу ризикува тоа негативно да влијае не само врз процесите во земјава, туку и врз целиот регион. Според нив, извештајот ќе нотира функционална демократија, добри меѓуетнички односи, позитивен исчекор во реформите на безбедносните служби, позитивни судски реформи, како и огромен исчекор во добрососедските односи.

Проценките за земјава од Комисијата, наведуваат дипломатите, ќе се прават споредбено со претходните извештаи и токму поради тоа ќе биде забележан голем напредок во некои области. Како такви се наведуваат функционирањето на Собранието и конструктивна опозиција која учествува во расправа и носење на клучни закони, како што е законот за СЈО.

Што се однесува до СЈО, Законот со кој би се уредило неговото понатамошно функционирање, како што наведуваат дипломатите, никогаш не било поставен како услов за добивање позитивен извештај за земјава. Сепак некои од земјите-членки на Унијата, како Холандија, ќе бараат гаранции дека оваа институција ќе продолжи да функционира од септември, без оглед дали ќе дие дел од ЈО или засебна институција. Според дипломатите, можно е и Франција да го следи нејзиниот пример. Тие наведуваат дека власта и опозицијата се свесни за тоа и оти резултатите кои ги испорача СЈО високо се вреднуваат во делот на критериумот, поставен минатиот јуни, за борба против корупцијата и организираниот криминал.

Позитивна оценка од Комисија ќе добие и процесот на реформата на безбедносните служби, формирањето и работата на Антикорупциска, а слаба алка може да биде реформата на јавната администрација, каде не се направени речиси никакви поместувања.

За Комисијата претстојните избори ќе бидат клучни во делот на спроведувањето, но не и во делот на резултатите. Според дипломатите, и непостигнување на цензус или пак бојкот на изборите од некоја партија, може да биде внатрешен проблем за земјава, но не и за Унијата, бидејќи законодавството предвидува механизам во случај на непостигнување цензус, а бојкотот нема да биде поздравен од Унијата, но е демократско право на избор на партиите. Клучен за Комисијата, наведуваа дипломатите, ќе биде извештајот на ОДИХР како се спроведени изборите.

Предизвик, не само за земјава, туку и за Унијата, се смета краткиот рок од објавувањето на Извештајот до одржување на Советот, со оглед дека некои од земјите-членки како Германија и Холандија поради внатрешните процедури, ќе имаат по само неколку дена простор да го разгледаат и да донесат одлука по него. Дипломатските извори се на став дека во Унијата се многу свесни дека мора сега да се искористи моментумот за земјава да го добие заслуженото.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ