
ЕК бара паралелен процес за преговори со Македонија и менување на методологијата
Унијата треба да го исполни своето ветување кон Македонија и кон Албанија. Новата шефица на Европската комисија, Урсула фон дел Лајен, смета дека носење на нова методологија за пристапување во ЕУ, не треба да го попречи стартот на пристапните преговори со двете земји.
Треба да најдеме начин за паралелен процес за Северна Македонија и за Албанија да биде таков што вратата да биде отворена и тие да можат да ги почнат пристапните преговори. Тоа е паралелен процес на обнова на методологијата и на продолжување со двете земји. Ние побаравме од нив да ги исполнат критериумите и тие тоа го направија и сега ние не треба да ги менуваме правилата за нив. Го очекувам новиот предлог за методологијата и сигурна сум дека ќе бидеме успешни, рече фон дер Лајен.
Фон дер Лајен за време на посетата на Хрватска која е актуелен претседавач со ЕУ не сакаше да коментира ништо околу концептот на новата методологија, велејќи дека таа ќе биде презентирана во првиот дел од годинава.
Хрватскиот премиер пак очекува да се деблокира процесот на пристапување на двете земји.
Сакаме 20 години по загрепскиот самит на врвот да внесеме нова диманима, а по можност да разрешиме и да ја деблокираме состојбата која се однесува на отворање на преговорите за пристапувањето со Северна Македонија и со Албанија, изјави Пленковиќ.
На почетокот на мај во Загреб ќе се одржи самитот ЕУ – Западен Балкан кој се наметна како краен рок за разрешување на прашањето за новата методологија на Унијата кој Франција го постави како услов за стартот на пристапните преговори со Македонија и со Албанија.
Тамара Грнчароска