
Едукативно-хуманитарна планинарска акција на Матка
Денес се одржа првото издание на големата едукативно-хуманитарна планинарска акција, Матка 2018. Оние кои се решија да пешачат по убавините на Матка имаа избор од две понудени планинарско-рекреативни тури, придружувани од искусни планинари и членови на ПСД Макпетрол-Скопје, ПК Шкупи-Скопје, ПД Козјак-Куманово и ПК Шари од Гостивар.
ЈСП Скопје обезбеди бесплатен превоз до стартот на планинарските тури, како и враќање назад.
Оние кои не планинарат имаа прилика да присуствуваат на целодневна забава пред Планинарскиот дом Матка. Поставени беа штандови на планинарските клубови и Федерацијата на планинарски спортови, на кои можеа да се најдат мапи, компаси, книги за планинарење, планинарска опрема, проспекти за безбедност во планина, алатки.
Средствата од продажбата беа наменети исклучиво во хуманитарни цели. Организаторите за секој посетител обезбедија бесплатен планинарски чај и вода, а беше поделен и ручек за планинарите и посетителите – традиционално гравче. Беа поставени и кутии за донации, а членовите на ФСПМ и на клубовите донираа храна, пари, обувки, облека, ќебиња.
Настанот го организираа Планинарските клубови на Федерацијата на Планинарски спортови на Република Македонија, со поддршка на Град Скопје.