
Едно лице загина во сообраќајна несреќа на патот Велес-Штип
30 годишниот возач од Скопје на товарно комбе загина на лице место, а 37 годишниот возачот на автобусот од Куманово заврши на Угрентниот центар во Скопје по тешка сообраќајна несреќа што се случи синоќа на патот Велес-Штип кај клучката за Ново Село.
Во општата болница во Велес утринава е мирно, овде до два часот имало мешаница, ангажирани биле лекарите и медицинскиот персонал од речиси сите одделенија, возилата неколку пати се враќале по патниците во автобусот.
Началникот на ортопедија во Велешката болница за Телма вели дека низ годините ова е трета ваква несреќа со повеќе повредени.
Од лекарски аспект поминала полесно, бидејќи повредените патници се со полесни повреди.
Патниците, кои биле цели семејства со деца во автобусот, собрани од повеќе градови во земјава патувале кон Бугарија, кон плажите на Црното море. По несреќата сите се вратени дома.
Утринава автобусот се уште стоеше на местото на несреќата. Скршената шофершајбна и целосно оштетниот преден дел на автобусот говорат дека судирот биле директен со комбето.
Полициски службеници по наредба на јавен обвинител се уште го чуват автобусот и го регулираат сообраќајот на местото на несреќата.
По извршениот увид од страна на јавен обвинител треба да се утврдат причините за тешката несреќа на патот Велес-Штип.
Викторија Јованова