
Роднини на пациент се степале со обезбедувањето на поранешна Градска болница
Вербални напади врз медицинскиот персонал при што веднаш реагирало и обезбедувањето во болницата кое било физички нападнато се причина за вчерашниот инцидент во раните утрински часови во Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.
Во ходниците на болницата настанал хаос во кој биле нападнати и полициските службеници кои дошле да реагираат.
“Донесен е пациент со посекотини, рана на левата подлактица со крварење. Пациентот е прегледуван, преземено е згрижување, но придружбата од пациентот била доста вознемирена и агресивна и почнала со вербални напади кон персоналот, кон докторите, кон сестрите, болничарот па викнале и обезбедување и викнато е обезбедувањето кое работи тука. Обезбедувањето дошло да направи ред и е нападнато”. – тврди Иван Спировски.
Веднаш била повикана полиција при што е приведено едно лице и против него ќе биде поднесена пријава, стои во соопштението на Министерството за внатрешни работи. Ќе бидат поднесени пријави за уште две лица кои биле со него за време на инцидентот. За Спировски зачестените напади врз здравствените работници се во најмала рака загрижувачки и алармантни.
“Медицинскиот персонал е многу често навредуван дури и напаѓан најчесто од придружбата на болниот или на повредениот. Тоа секогаш имало, но сега е многу зачестено и персоналот се чувствува небезбеден”. – подвлекува Спировски.
Министерството за здравство најостро го осуди нападот врз здравствените работници и нема да дозволи физичко и какво било друго насилство врз оние кои секојдневно спасуваат животи во болниците.
Напад врз здравствен работник и здравствен соработник при вршење на здравствена дејност е недозволив и казнив според Законот за здравствена заштита, член 304 , стои во реакцијата на ресорното Министерство.
Инцидентот го осудија и од Лекарската комора и побараа итна средба со министрите Венко Филпче и Оливер Спасовски.
Во изминативе десет дена и во Тетово и во Скопје регистрирани се физички напади врз здравствени работници. Во Тетово пациент истепа доктор, ден потоа во поликлиниката во Драчево беше нападната медицинска сестра.
Нина Стефанова