
Една жртва и целосно изгорена куќа која важеше за културно наследство во Велес
Една жртва и целосно изгорена куќа која важеше за културно наследство во Велес, е последица на големиот пожар кој избувна доцна синоќа.
Се уште се чека на официјалната причина, а според градоначалникот на Велес можни се две верзии. Според едната верзија, можен предизвикувач на пожарот е греалката којашто ја користел осумдесетгодишниот човек во својот дом, а другата претпоставка е дека невнимание со запалена цигара завршило кобно.
Телото на загинатиот се уште не е пронајдено во објектот изгорен до темел, информира градоначалникот Коцевски. Куќата е изградена во 1886 година и е изградена во автентична стара велешка архитектура, а државата не дозволува реконструкција и модернизирање на ваквите објекти, во изјавата за Телма потенцира градоначалникот.
Четириесет пожарникари учествувале во гаснењето на пожарот, потврдија од велешката пожарна. Среќа во несреќа за нив во целата случка било што немало ветер па пламените јазици не се прошириле дополнително. Навечер не било возможно ниту гаснење на пожарот со хеликоптер.
Гаснењето на пожарот траело околу три часа. Дополнително уште една куќа во тој дел од градот е делумно зафатена од пожарот. Од Општината ветија дека финансиски ќе им помогнат на семејствата коишто имаат штета.
Петар Догов