Работничка во нова штипска конфекција е позитивна на Ковид 19

Вработена во штипска конфекција денеска  е единствениот позитивен случај на коронавирусот. Работничката не е од седумте конфекции кои беа опфатени со скринингот, туку станува збор за нова, осма по ред.

Епидемиолозите велат дека среќа во несреќа е што работничката била извесен период на боледување, денеска се прави  епидемиолошка анкета и утврдување на контактите, како и дали станува збор за формирање на нов кластер, седми по ред во штипскиот регион.

Реакции има и од оние кои се  тестирани, бидејќи над пет дена ги чекаат резултатите.

Постојано пристигнуваат резултати. Како тестираните така и ние  ги чекаме резултатите  од лабораториите. Затоа и молиме да бидат трпеливи, велат надлежните од Центарот за јавно здравје-Штип.

Но, по ставањето под контрола на текстилниот кластер деновиве ќе се регистрира ли нов со сезонските работници за берба на вишните.

На социјалните мрежи се појави видео во кое се гледа како превозник  ги транспортира работниците без да ги почитува протоколите.

Нема ниту дистанца, ниту пак се носат маски.

Од фирмата „Фруктана“ чиј е автобусот од видеот, велат во него не се нивните работници  бидејжи немаат плантажи, туку само погон за преработка.Нивниот автобус вчера го позајмиле на  соработници кои имале проблеми со организирање на превозот.

„Возачот на автобусот има потпишано изјава за почитување на здравствените протоколи. Задолжен е со заштитна опрема, ако не ги почитувал протоколите ќе следува дисциплинска постапка. Нам здравјето на нашите и здравјето на сите сезонски работници ни е важно. Затоа што ако не се заврши бербата на вишни навреме и не се прибере родот тогаш нема што да работиме цела година“, вели во телефонска изјава за Телма Младен Митев, сопственик на Фруктана.

Пред еден месец Гласен Текстилец алармираше дека   автобускиот превоз на текстилните работници е местото каде што има можност да се шири вирусот. Откако инспекторите  излегоа на терен сега работниците се возат според протоколи и самите превозници бараат маски и растојание од работниците.

Викторија Јованова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ