Една година по Преспанскиот договор

Една година подоцна, оценките за Преспанскиот договор во земјава, остануваат спротивставени: власта ги набројува придобивките, а опозицијата говори за обезличување на институциите.

Владеачката СДСМ смета дека вредело, пред се поради влезот во НАТО, што е наша стратешка определба.

По 15-годишно чекање, Северна Македонија е пред добивање датум за преговори со Европската Унија, потсетува премиерот Заев.

Сигурен е дека потпишувањето на Договорот од Преспа, заедно со реформите и економските резултати, води кон подобра иднина на сите граѓани.

За опозициската ВМРО ДПМНЕ, овој договор останува капитулантски.

Во Грција, не се коментира многу првата годишнина на Преспанскиот договор. Тој не зазема значајно место ниту во изборната кампања, иако веројатно ќе има влијание врз резултатите од изборите.

Екс министерот Никос Коѕиас, кој беше директен преговарач и потписник на Договорот, преку  Твитер го потсети својот пријател Никола Димитров што се случило минатата година на денешен ден.

Нашиот министер Димитров му возврати: „Пријателе, направивме историја мислејќи на иднината“.

Коѕиас и Димитров неколку месеци ги усогласуваа одредбите од Договорот,  откако ги презедоа преговарачките должности од овластените амбасадори. Конечниот текст беше потпишан на церемонија на грчката страна од Преспанското езеро, во присуство на двајцата премиери и на меѓународни претставници.

Соња Николовска

Објавено на
© 2026 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ