
Единаесетмесечно бебе без други болести почина од пневмонија предизвикана од морбили
Единаесетмесечно бебе вчера почина на Детската клиника поради компликации од морбили. Ова е четвртата жртва досега откако трае епидемијата. Бебето досега било здраво, но вирусот на малите сипаници е најопасен за децата до една година. Не било вакцинирано затоа што според возраста не подлежело на вакцинација. За да се превенираат вакви случаи во иднина, здравствените власти наредија и да се спушти границата за вакцинација. Сега и шестмесечни деца можат да примат доза од МРП.
„Бебето имало тешка пневмонија, мозочно крварење – излив на крв во мозокот. Малите сипаници навистина се сериозно заболување. Тие претставуваат повеќесистемско заболување. Тоа не е лесно заболување. Може да ги нападне сите, буквално сите органски системи – и системот за дишење и централниот нервен систем.“ кажа д-р. Владимир Микиќ, епидемиолог во Институтот за јавно здравје.
110 новозаболени за седум дена, пишува во новиот извештај на Институтот за јавно здравје. Повеќе од половината се деца до 4 години. Мнозинството од болните се во градовите низ земјата, а помалку во Скопје.
Најмногу заразени со вирусот на морбили, кои се лекувааат во болнички кревет, има на Инфективната клиника.
„Имаме информација дека на Клиниката за инфективни болести има 39 хоспитализирани пациенти од кои шест се во потешка состојба.“ кажа д-р. Владимир Микиќ, епидемиолог во Институтот за јавно здравје.
За да се зголеми опфатот на имунизирано население, особено помеѓу децата, првите луѓе во здравството пред повеќе од една недела тргнаа и теренски да вакцинираат. До посакуваниот процент на колективен имунитет може да се стигне само ако теренски се вакцинира, но повеќепати, потврдија од Здравствениот дом во Скопје.
„Вкупно 2104 деца биле невакцинирани. Од нив 138 се сега вакцинирани. Нема да ги извакцинираме сите деца коишто се во училиште. Дали ќе има мерки за тие деца коишто досега не биле вакцинирани останува на властите во Министерството за здравство и во Министерството за труд и социјална политика да го решат понатаму.“ кажа Злате Мехмедовиќ, директор на ЈЗУ Здравствен дом на Скопје.
Статистиките кои ги прават епидемиолозите покажауваат дека 9 од 1000 бебиња во земјата досега се заразиле со малите сипаници.
Петар Догов