ЕБОР: Во Македонија има многу банки а пазарот е мал

Во Македонија има многу банки а пазарот е мал. Во најновиот извештај за за транзицијата 2018-2019, ЕБОР сугерира конослидација на банкарскиот сектор и развивање на капацитетите за обновлива енергија.

Банкарскиот сектор има голем број банки во однос на големината на економијата, а консолидацијата може да помогне во зајакнувањето на секторот во целина и во кредитирањето на реалната економија. Стабилноста на банкарскиот сектор е силна, но бројот на банките останува голем во однос на големината на пазарот. И покрај консолидацијата во текот на годините во Македонија се уште има 16 банки, голем број, за мал пазар, се вели во извештајот.

Во однос на јавниот долг ЕБОР пишува дека тој постојано се зголемува поради растот на буџетскиот дефицит. Оттаму очекуваат јавниот долг дополнително да се зголеми како резултат на стимулациите што ги најави владата

Се очекува понатамошен раст на долгот поради мерките усвоени од страна на владата, вклучувајќи ги и бизнис поттиците за дополнителни вработувања и за зголемување на минималната плата, стои во извештајот.

Според Европската банка влошена е перцепцијата за корупција и покрај поволното деловно опкружување а тоа го потврува 107 место од 180 земји во светот. Клучен приоритет во периодот што следи е наведена дигитализацијата на работата на институциите што се очекува да привлече нови инвеститори и отворање на нови работни места. Економскиот раст за годинава според ЕБОР ќе изнесува 2 % а догодина 3 % под претпоставка за континуирана политичка стабилност, деблокирање на понатамошни реформи и доаѓање на многу потребните инвестиции. Клучен ризик според ЕБОР останува можноста за продолжување на политичките турбуленции и несигурност ако напредокот во решавањето на спорот за името не се одржува.

Виолета З. Стојановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ