
ДЗС функционира како селско комунално претпријатие, има одговорност и за жртвите на поплавите во Стајковци, тврди новиот директор Џаферовски
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Аднан Џаферовски оцени дека ДЗС е доведена на ниво да функционира како селско комунално претпријатие, поради години негрижа за дирекцијата. Џаферовски на брифинг со новинарите соопшти дека ДЗС има стар долг од 70 милиони денари кон градежни претпријатија кои биле ангажирани за расчистување по катастрофалните поплави во Стајковци, Синѓелиќ и Порој, а оцени дека летото 2016-та дирекцијата воопшто не била подготвена за поплавите кои однесоа 22 животи.
Функционира како селско комунално претпријатие, истакна директорот на ДЗС Аднан Џаферовски на брифинг со новинарите, откако по 6 месеци на позицијата потврди дека со години се работело лошо и неплански во Дирекцијата. Институцијата според него е руинирана, а има и заостанат долг од 2015-та година наваму.
Околу 70 милиони денари или над милион и 150 илјади евра ДЗС должи на градежни компании кои биле ангажирани по катастрофалните поплави во Стајковци и Синѓелиќ, и по поплавите кај тетовски Порој. Иако услугите биле користени во 2016-та до ден денес на фирмите не им е платено. Не се платени ниту сметките за градежниот ангажман при чистењето на обилните лански снегови.
Директорот Џаферовски пред новинарите вели дека и ДЗС имала одговорност за големиот број на жртви во поплавите во скопскиот регион во август 2016-та затоа што „не била подготвена за справување со катастрофи“. Тогаш загинаа 22-ца, но никој не одговараше, а досега не се направени ниту анализи што треба да се смени за да се избегнат вакви трагедии предизвикани од пороен дожд.
Џаферовски кој пред 6 месеци ја презеде функцијата вели дека треба да се работи и на опремување на дирекцијата која според него со години било запоставувана и не било инвестирано во неа, освен купувањето на три хидро-авиони и странски донации.
Најголем проблем е што тимовите за брз одговор при пожари, поплави, несреќи, земјотреси и непогоди иако биле формирани не биле функционални, затоа што припадници на тие тимови си заминале и не биле заменети. Некои тимови немале ниту еден припадник, вели директорот.
Џаферовски истакна и дека секогаш кога има снег или поголем дожд, кои се природни појави, а не елементарни непогоди, некои општини ги сметаат за комунално претпријатие и наместо сами да чистат, веднаш бараат интервенција на Дирекцијата која мора да ангажира механизација.
Миомир Серафиновиќ