ДЗР бара пратениците да изберат главен ревизор

92-ца вработени во Државниот завод за ревизија упатија јасен повик до пратениците: „Изберете главен државен ревизор веднаш!“ Две години откако ова раководно место стои празно и два месеца откако му истече мандатот и на заменикот, доведено е во прашање функционирањето и независноста на институцијата која треба да го контролира трошењето на државните пари.

30-тина ревизорски извештаи од вкупно 54 се направени а не се процесуирани зашто нема кој да го стави последниот потпис. Меѓу нив, и извештајот за СЈО, кој е дел од годишната програма и останува во тајност до крајот на процедурата.

Вработените не зеле плата за октомври, немаат здравствено осигурување, стравуваат дека ќе им ги исклучат струјата и водата поради долгови од преку еден милион денари. Предупредуваат дека доколку Заводот не се стави во целосна функција, не може да се одржат ниту парламентарни избори.

Откако јавните писма и апели не дадоа резултати, делегација од ДЗР вчера имала средба со спикерот Талат Џафери и Комисијата за избори и именувања. Се надеваат дека до Нова Година ќе се најде решение, откако Џафери не го прифатил нивниот предлог привремено да се назначи некој од вработените, а тие не прифатиле да има лице што ќе потпишува само за плати и тековни трошоци.

Постапката за избор на ревизор почна со јавен оглас во декември 2017-та. Претседателот на Комисијата за избори Илија Димовски вчера им ветил дека ќе закаже седница веднаш штом СДСМ и ДУИ постигнат договор. На последната седница пред еден месец, ниеден кандидат од 12-те кандидати немаше доволно гласови бидејќи владеачките партии имаа различни предлози, а опозициските партии не гласаа за никого.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ