
Двојните потписи ќе ги контролираат одлуките на техничката влада
Не од прес-салата во владата, туку во утринска интеренет емисија, сега веќе поранешниот премиер Зоран Заев утрово соопшти дека ја потпишал оставаката.
“Утрово во 8.30 владата работи и јас ја потпишав оставката и се надевам набргу ќе стигне во собранието и ќе почне процедурата за избор на преодната влада” – изјави Заев.
Оставката на Заев го отвори патот за избор на техничка влада која се усогласуваше до вчера попладне. На премиерското место ќе го наследи досегашниот министер за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ, Оливер Спасовски. Тој пак пак токму на денот кога застанува на чело на техничката влада објави видео на кое одговара на 30 лични прашања.
Наследникот пак на Спасовски во полиција ќе биде разузнавачот Наќе Чулев на предлог на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Чулев од овластувањата како технички министер ќе има можност да изврши промени на пониско или повисоко место на најмногу 15 раководни позиции во министерството, а ќе може да распоредува вработени и по хоризонтала. Но во врат на Чулев ќе му дише довчерашната шефица на кабинетот на Спасовски, Славјанка Петровска, како заменик-министер за внатрешни на предлог на СДСМ.
Според Законот за влада заменикот има целосно право да ја надгледува работата или да става вето во министерството на сите правни, финансиски или кадровски одлуки кои се во врска со организацијата на изборите. На нејзин предлог ќе бидат назначени и заменици на раководни лица кои ќе ги постави Чулев. Без двоен потпис, од раководното лица и заменикот, ниту еден акт нема да се смета за валиден.
Со иста моќ ќе биде и досегашната шефица на кабинет на Мила Царовска, Санела Шкријељ, која ќе седне на заменик-министерското место во труд и социјала и ќе ја надгледува работата на Рашела Мизрахи, биохемичар по вокација, а од денеска техничка министерка за труд и социјала.
Царовска пак се сели на Илинденска на вицепремиерското место за економија.
Инаку, заменик-министрите рамноправно со министерот ги разгледува и ги потпишува сите документи кои ги носи министерот или лица овластени од него, а кои се се однесуваат на прашања поврзани со изборите и тоа во рок од еден ден. Во случај на нивно несогласување, Законот предвидува за одлуката во рок од 24 часа да пресече Државната изборна комисија и истата да ја проследи до министерството. Одлуката на ДИК е конечна.
На постојните заменици-министри ќе има дополнителни заменици-министри предложени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и во уште три министерства.
Во финансии работата на министерката ќе ја контролира Гордана Димитриеска – Кочоска, во земјоделие оди Цветан Трипуновски, а досегашната пратеничка Невенка Стаменковска ќе го контролира Дамјан Манчевски во информатичко општество и администрација.
Сите тие имаат право на ист број посебни советници и кабинетски службеници како министерот. Платите на двата кабинети се идентични по висина и идентично ќе ги чинат граѓаните.
Тамара Грнчароска