
Двојазичноста е озаконета
Во рок од шест месеци, зад претседателот на Собранието Талат Џафери ќе стои двојазичен натпис на институцијата што ја претставува. Иста обврска имаат и другите институции. Книжните и кованите пари ќе содржат албански симболи, а уплатниците, поштенските марки, фискалните извештаи и бандеролите ќе бидат двојазични. На македонски и на албански јазик ќе бидат и натписите на униформите на полицијата, пожарникарите како и во здравството. Ова е само дел од одредбите во законот за јазиците, што беше отпечатен во Службен весник 10 месеци по неговото второ изгласување во Собранието. Претседателот на државата одби да го потпише како неуставен. Објавувањето без негов потпис го смета за кривично дело.
- Објавувањето на Законот за јазиците и Ратификацијата на Спогодбата од Преспа без потпис на указ е противуставно. Прекршен е член 75 од Уставот, додека објавувањето на законите е направено незаконски и претставува основа за кривично гонење, порача претседателот Иванов.
„Јас не чувствувам никаква одговорност. Му оставив временски простор на претседателот од една година за законот за јазици и шест месеци за да ја потпише спогодбата, но тој не ја исполни својата уставна надлежност. Тоа што го направив сега е во рамки на мојата надлежност“, возврати претседателот на Собранието Талат Џафери. Тој ги потпиша законите, а на местото каде што требаше да стои потписот на Иванов, е ставена фуснота која објаснува дека тој тоа го одбил.
- Се чини дека на крајот од својот мандат, Претседателот на државата малку ги измешал лонците. Тој не може да покрене постапка против законодавната власт. Обратно е: Законодавната власт може да побара одговорност од него како Претседател. Пратениците може во секој момент во соодветна постапка да покренат импичмент, изјави Џафери.
Идентично мислење има и Владата. Потсетува дека Претседателот на државата не е законодавно тело и дека повеќе пати бил повикан да го почитува Уставот. „На овој начин е запрена тенденцијата една церемонијална постапка на Претседателот да се претвори во преседан кој се закануваше да го блокира функционирањето на системот со кршење на Уставот“.
„Секој е должен да го почитува Уставот. Службен весник е должен да ги објави законите и другите прописи во рок од 8 дена од нивното донесување“, се огласи и Јавното претпријатие по најавите дека и од нив ќе се бара кривична одговорност. Од Службен весник велат дека ќе поведат судска постапка и нема да дозволат мешање на политиката во нивната работа.
Соња Николовска