
Две новороденчиња од Велес завршија во болница заради неухранетост
Мајка заврши во болница со своите новородени близначиња – болни и истоштени од неухранетост.
Тие една недела се хоспитализирани. Главна причина за тоа се лошите услови во коишто живеат, во соба без струја – помеѓу остатоци од храна и разни донации од хумани луѓе. Закрепнуваат, па наскоро се очекува да ги пуштат дома.
„Дечињата се близначиња, беа примени со бронхиолит во потешка форма. Лекувањето веќе е завршено и дечињата се во стабилна состојба. Мајката била болна и таа била на преглед на интернист. Оттаму мајката прима терапија“ кажа Лидија Андонова – Панчевска, специјалист ортопед.
Невенчаниот маж на малолетната Фросина, Севѓул Зекиров – моментално сам дома го чува двегодишниот син. Досега Зекирови не добиле ниту денар социјална помош од државата.
„Социјално не земам. Значи, социјално и такви работи не земам. Само помош имам од многу луѓе. Ми помогнаа, донесоа се. Немам работа, децата немам каде да ги бањам. Немам струја, ништо немам, дрва немам. Немам никакви услови, дали ме сфаќате?!“ кажа Севѓул Зекиров, социјален случај.
За големиот верски празник Велигден, вапцани јајца имаат само ако некој им подари.
Први на помош стигнале навивачите од групата Гемиџии. Поставиле кутија за донации на натпреварите на Борец коишто ги посетуваат редовно. Нивните членови секојдневно одат во посета на семејството, да прашаат дали нешто им е потребно.
„Ни оставаат на кутијата и храна и алишта. Секој ден се оди, се носи кај родителите. Секој ден некој од членовите е присутен во болница. Се одвојува време, дали да се оди кај нив, дали да се стои на кутијата за донации. Бидејќи сме повеќе луѓе се менуваме.“ кажа Дарко Најдов, член на навивачката група „Гемиџии“ од Велес.
„Имаме кутии оставено тука кај нас во градот. Имаме собирано донации и за други луѓе од други градови. Значи хуманоста е пред се. Да помогнеме секому колку што можеме.“ кажа Павле Лазаровски, член на навивачката група „Гемиџии“ од Велес.
Намирниците коишто луѓето ги праќаат како помош за Зекирови ги собираат од Црвениот крст. Но, апелираат оние коишто сакаат да помогнат најпрво да прашаат што им треба за да им пратат.
„Луѓето барем малку да се информираат за тоа што конкретно му треба на ова семејство. Бидејќи во минатото сме имале вакви слични случаи кога ќе се појави некој апел за помош во храна – ќе се донира толку многу храна што таа не може да се складира и ни се расипува“ кажа Орце Николов од Црвен крст – Велес.
Додека таткото и синот чекаат Фросина да си дојде дома со двете близначиња – порачаа дека секоја помош им е добредојдена. Севѓул сака да си најде работа и тие да почнат да живеат пристоен живот.
Петар Догов