Две нови жртви на грипот – епидемија на морбили и во Куманово

12 годишно девојче почина попладнево откако ја изгуби битката со сезонскиот грип на Детската клиника. И претходно имала ранлива здравствена состојба поради други хронични болести. Ова е втора жртва која ја зеде грипот во само една недела. Во редовниот извештај кој го објавуваат секој четврток од Институтот за јавно здравје стои дека починал и 86 годишен човек од компликации со заразата. Немал никакви претходни болести, но според епидемиолозите – сите кои се на таа возраст се ризични.

„Се работи за пациент на 12 годишна возраст со претходни коморбидитети односно дете коешто имало вродена мускулна дистрофија и церебрална парализа. Тоа е една од оние ситуации кога доаѓаат деца со хронични заболувања. Пријавено е на Детската клиника. Таму било од 24 февруари на интензивна нега меѓутоа за жал подлегнало на компликациите. Очекуваме оваа и следната недела да се одржи одредена повисока активност на грипот и потоа секако очекуваме доколку останат временските прилики какви што се – да се намали интензитетот“ кажа Владимир Микиќ, епидемиолог во Институтот за јавно здравје.

Во земјава полоша е состојбата со другата зараза која неколку месеци им задава проблеми на епидемиолозите – малите сипаници.

Според доктор Микиќ, се уште е рано да се зборува за крај на епидемијата од мoрбили.

„Апсолутно, се уште имаме релативно голем број на невакцинирани деца особено надвор од Скопје. Во Скопје вакцинацијата некако се подобри. Имаме околу 9 илјади вакцинирани лица. Меѓутоа тоа се уште не е доволно за да се стекне колективен имунитет. Се уште има висок број на невакцинирани и во другите градови“ кажа Владимир Микиќ, епидемиолог во Институтот за јавно здравје.

Мерките како непримање на невакцинирани деца во градинка продолжуваат бидејќи епидемијата која здравствените власти ја прогласија во Скопје пред два месеци, се уште ќе потрае.

„Комисијата за заразни болести редовно се состанува. Овде, во Институтот за јавно здравје секојдневно ги проверуваат податоците кои стигнуваат за нови заболени од морбили. Епидемијата освен во Скопје, се прошири во Тетово и во Куманово.“

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ