Две лица и инспектор осомничени за сечењето на трската кај Струга

Основното јавно обвинителство Струга поведе постапка против две лица за сечење на трската од езерското крајбрежје, која согласно законот е добро под привремена заштита, односно природна реткост. На 16ти овој месец еден од осомничените во близина на плажата „Версус“ со кајче влегол во езерото и со срп ја сечел трската. Вториот осомничен,пак,  го нарачал сечењето на трската со намера да се сопре природниот раст.

Со ваквите дејствија осомничените постапиле спротивно на Законот за заштита на природата, во кој Охридското Езеро е класифицирано како споменик на природата и каде не се дозволени активности со кои се загрозуваат неговите обележја и вредности, соопштуваат од ОЈО Струга.

Струшкото јавно обвинителство поведе постапка и против инспектор по природа од Министерството за животна средина за кривично дело попречување на правдата, бидејќи одбил да излезе на лице место во моментот кога се сечела трската и да преземе дејствија по барање на јавниот обвинител.

Поднесените се први пријави за уништување на трската на Охридско-струшкото крајбрежје која систематски се сече и пали. Штетата е огромна, дотолку повеќе што трската е природно живеалиште на голем број риби и птици кои во овој период таму се мрестат и гнездат, предупредуваат екологистите.

Од петокот до денес во регионот се регистрирани триесеттина пожари на отворено. Последниот беше синоќа на влезот од Струга во кој повторно е уништен појас на трска.

Горан Момироски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ