
Две деца изгореа во пожар во Шуто Оризари
Две деца загинаа во пожарот што се случил попладнево во населбата Шуто Оризари. Се работи за момче и девојче на возраст од три години и година и пол. Според информациите од противпожарната единица децата биле во куќата во моментот кога покривот се урнал врз нив, и најверојатно се угушиле.
Неуспешни биле обидите на пожарникарите да ги извлечат од под урнатините и изгорениот материјал, бидејќи децата веќе биле починати а се претпоставува дека уште во моментот кога била повикана пожарната тие биле мртви.
Инаку се работело за импровизирана куќарка која се наоѓа на улицата „Брсјачка буна“ спроти спортското игралиште. Пријавен бил во 13.25 часот, а во околината имало уште неколку залепени куќарки на кои е спречено пожарот да се прошири. Интервенирале 15-мина пожарникари со неколку возила.
Премиерот Оливер Спасовски попладнево заедно со претставници на институциите, беше во посета на местото каде што се случи пожарот. Спасовски изрази сочувство до семејството, градоначалникот и граѓаните на Шуто Оризари, за големата трагедија.
Изразувам длабоко сочувство до семејството, градоначалникот и граѓаните на Шуто Оризари, за големата трагедија што се случи. Заедно со претставници на Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика излеговме веднаш на терен. Ќе обезбедиме сé што е потребно како првична помош, итно сместување и финансиска помош“, рече премиерот Спасовски за време на посетата на местото на несреќата.
Спасовски најави дека со градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш ќе разговараат за определување финансиски средства заедно со локалната самоуправа за да се помогне подобрување на инфраструктурата во општината.