
Двајца починати, тројца излекувани и 46 нови случаи позитивни на Ковид 19 во земјава
Лоциран е прв заболен вработен на инфективната клиника во Скопје каде лежат најтешките случаи на заболени со корона вирус.
Ова го потврди министерот за здравство Венко Филипче кој вели дека се работи за медицински техничар со воспаление на белите дробови.
Во моментов се врши епидемиолошка анкета меѓу вработените на клиниката, можна е реорганизација на работата а се разговара и со сопругата за контактите.
Инаку денешниот биланс е двајца починати пациенти на инфективната клиника во Скопје. Еден е кумановец на 70 годишна возраст кој имал висок крвен притисок и срцева слабост, но неговите резултати од тестот дали е позитивен на корона се уште не се готови.
Другиот е на 68 годишна возраст од село од Тетовско а според Министерството за здравство имал артериска хипертензија.
Од Клиниката, со два контролни негативни теста на Ковид-19 се испишани тројца пациенти кои се во добра здравствена состојба и тие заминуваат дома. Но во изминатите 24 часа се регистрирани рекордни 46 нови случаи на коронавирус во земјата.
Куманово е со најголем број 23-ца, од кои половина се здравствени работници од општата болница. Сега и здравствените работници од болницата во Струга стравуваат дека ќе се повтори кумановскиот случај, оти и таму беше лекувана пациентка која почина а за која подоцна се утврди дека е заболена од корона.
Инаку според информациите на Телма комисијата за заразни болести до Владата денеска побарала да размисли за воведување на слични мерки како во Куманово и во Прилеп, Струшко Лабуништа и Штип поради зголемениот број на заболени.
Вчера се направени вкупно 389 теста, а според Филипче најчесто откриени позитивни случаи се од оние кои ја поминале процедурата со прашалникот преку матичен лекар.
Билјана Николовска