Двајца пациенти дочекаа пресаден бубрег, а 70 други се на дијализа и не знаат до кога ќе чекаат трансплантација

70 пациенти се на листата на чекање, а двајца дочекаа да добијат бубрег. По подолга пауза од три години, во Македонија се направи трансплантација на орган од починат дарител.

Здравствените власти се пофалија, но не кажаа и дали и како ќе продолжат ваквите операции во иднина.

Со операцијата на Клиниката за урологија, бубрег добиле двајца пациенти кои повеќе години оделе на дијализа.

„Стануваше збор за пациент кој што беше многу тешко повреден и после неколкунеделно лекување почина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување. Родителите и покрај големата болка успеаја да соберат сила и да се согласат да се донираат бубрезите за што сме им многу благодарни“, кажа Венко Филипче – Министер за здравство.

„Нашиот закон вели дека секој е донор доколку не се изјасни во текот на животот дека не сака да биде донор и тоа да биде заверено на нотар. Главниот збор повторно го има семејството“, кажа Маја Мојсова – Национален координатор за трансплантација.

Во Македонија често се прави пресадување на бубрег од жив дарител. Но, кадаверична трансплантација на орган од починат донор не е пракса во нашето здравство.

Лекарите апелираа и побараа од властите, повеќе да се потрудат за пресадувањето здрави бубрези да продолжи и понатаму.

„Во редовните операции работиме ливинг-донор трансплантација, односно трансплантација од жив дарител која си тече континуирано и кај што постигнуваме одлични резултати. Сега сакаме да ја исфорсираме и кадаверичната трансплантација која е всушност и онаа трансплантација која треба државата да ја форсира“, кажа Сашо Дохчев – Директор на Клиниката за урологија.

Во Македонија има 1400 пациенти кои се на дијализа. Но, не се сите компатибилни за да им биде пресаден бубрег.

Од друга страна, семејствата на пациентите кај кои ќе настапи клиничка смрт имаат 6 часа потоа да одлучат – дали ќе дозволат нивниот близок да биде донор.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ