
Двајца доктори и една медицинска сестра од Куманово позитивни на Корона, градот не оди во карантин
Двајца доктори и една медицинска сестра од кумановската болница се тројца од петтемина новозаболени од овој град. Стабилна им е здравствената состојба и се во домашна самоизолација вели министерот Венко Филипче.
На Фејсбук една од докторките објавила дека била во контакт со првата почината во земјава на која посмртно и беше утврден вирусот.
Според Филипче интензивно се откриваат контактите и од 63 тестирања се чекаат резултати.
Откако се инфицирани 7 во Куманово локалниот кризен штаб на денешната седница донел неколку заклучоци, во кои бара градот да се стави во целосен карантин.
Сепак Владата одлучи дека таму ќе се стопира меѓуградскиот и градскиот јавен превоз, ќе се затворат трговските центри, но и ќе се зголемат тестирањата. Инаку Телма дознава дека меѓу 7-те новозаболени во Скопје, двајца се вработени во МВР но не се полицајци.
И министерот Наќе Чулев потврдува дека до сега се тројца заболени вработени, од кој првиот случај беше регистриран пред четири денови.
Со новозаразените вкупната бројка во земјава се искачи на 148 и тоа во Скопје 88, Дебар 40 од кои 1 е починат, Куманово 8 од кои 1 починат, Штип 7 , Кавадарци и Охрид по два и Гостивар еден.
Од денеска граѓаните преку телефон јавувајќи се кај матичните лекари можат да закажуваат тестирање за корона вирусот, а веќе се исполнети термините за работа во наредните три дена.
Инаку најмалиот заболен е 2 годишно дете во скопје потврди Министерот, а позитивни се и неговите родители, сите се стабилни и на домашно лекување. Во Охрид пак трансфузиологија е затворена бидејќи пациент позитивен на корона вирус бил на преглед на одделението а десеттемина вработени ке бидат тестирани.
Резултатите на вработените во кавадаречката болница пак се негативни, а беа тестирани откако нивна колешка и сопругот се заболени а биле во болницата.
Билјана Николовска