
Дваесет компании добија 1,3 милиони евра за иновации
Дваесет домашни компании преку Фондот за иновации ќе спроведуваат иновативни проекти со 80 милиони денари, од кои 58 милиони денари ги обезбедува Владата, а останатите од Светска банка.
– Првпат Владата станува партнер за финансирање иновативни проекти на домашни компании. Меѓународниот и технолошкиот развој на компаниите ги поставивме како суштина на новите економски политики. Уверени сме дека токму иновациите и технолошкиот развој ќе бидат едни од генераторите на економскиот развој на земјата и причина заради која младите луѓе ќе ги задржиме да живеат и работат во Македонија, рече Зоран Заев премиер на РМ.
Избраните проекти треба да придонесат за намалување на загадувањето на воздухот во урбаните средини, со електрични велосипеди, воздушен колектор, прочистувач на гасови од индустриски објекти, а дел од иновативните проекти се за примена на интегриран електронски систем за следење на здравствена состојба на ризични групи пациенти, паметен систем за читење водомери.
Македонија заостанува значително зад глобалните европски трендови рече Јован Деспотовски директор на Фондот за иновации. Причините за ваквата состојба, ги лоцира во фактот што до 2017 година од Буџетот воопшто не се издвојувани пари за иновациски проекти и се спроведувани погрешни политики кои креирале образовен систем и институции кои биле затворени за секакво критичко и креативно размислување.
Според канцеларијата на СБ во Македонија, пак силните иновациски способности се важни за градење динамични и отпорни економии, иновациите им овозможуваат на фирмите да се специјализираат, да ги исполнат меѓународните стандарди за најдобри практики, да го надградат квалитетот, да ги намалат трошоците и најважно од се да отворат нови работни места.