Вести Два суда со две различни пресуди за еден ист предмет
Судскиот полицаец Владимир Литовски од Битола, ја тужи битолска Апелација каде што работи, за неисплатен надомест за работа во смени и за работа во време на неделен одмор. Основниот суд досудува во негова корист. Но, по жалба на тужениот, одлучува штипскиот Апелационен суд и го одбива барањето на Литовски за исплата на овие надоместоци. Пресудата е донесена во октомври, а само една година претходно за негов колега, штипска Апелација носи сосема спротивна пресуда
-Работата да е уште поапсурдна, никакви измени нема во законската регулатива. Законот е потполно истиот и тогаш и сега, и за периодот кога тужи колегата и кога јас тужам, вели Владимир Литовски, судски полицаец во Апелационен суд – Битола.
Но, овој не е единствен пример за двојни аршини во македонските судови. Претходно за истите тужбени барања голем број судски полицајци добивале пресуди со кои им се одобрувале надоместоците за работа во смени и неделен одмор, но, во последната година пресудите се поинакви.
-Сега се прашувам дали судовите во цела Македонија тогаш суделе законски или пак сега овие последните пресуди, како што е мојата, каде што не следуваат тие надомсетоци се законска, вели Литовски
Владимир Литовски, кој и претседател на Независниот синдикат на судската полиција на Македонија, вели дека за оваа негова пресуда поднел претставка до Судскиот совет, побарал ревизија на предметот и од Врховниот суд, а подготвен е правдата да ја бара и пред Судот за човекови права во Стразбур.
Емилија Мисирлиевска



