Два нови случаи на коронавирус во земјава, се проверуваат 40-на лица кои патувале со нив

Два нови случаи на заразени со коронавирус во земјава. Сопружници на 62 и 68 годишна возраст од Дебар денеска е потврдено дека се позитивни на „ковид 19“. Тие на 27 февруари дошле од Бреша, северна Италија, со автобус во кој имало околу 40 патници.

„После влезот на границата од автобусот патници се симнувале во Куманово, Скопје и Дебар. Тогаш патниците немале никакви симптоми и после со сосем лесни симптоми се јавиле на 2 март, понеделник, на матичениот лекар, кој што не препознал индикација да се направи тестот на коронавирусот. Ги пратил на домашно лекување, за да денеска се јават во болницата во Дебар каде што доаѓа инфектолог од Гостивар“,  информираше Венко Филипче, министер за здравство.

Тие имаат лесна форма на горно респираторна инфекција и вечерва ќе бидат пренесени од Дебар на Инфективната клиника во Скопје. Двајцата заболени тврдат дека во меѓувреме имале контак само братот на жената.

Со помош на МВР идентификувани се останатите патници од автобусот со кој пристигнале двајцата заболени. Во текот на вечерва и утре тие ќе се лоцираат и интервјуираат и согласно нивната здравствена состојба и контактите кои ги имале во меѓувреме со други луѓе ќе бидат преземени соодветни мерки.

„Најголем ризик имаат што седат во трите пред и зад патниците, меѓутоа ние ќе ги интервјуираме сите патници“, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Сепак Филипче напоменува дека е многу мал ризикот за второлиниско пренесување на заразата, отколку од директен контакт. Како пример за тоа ги посочи сопатниците на жената која прва беше дијагностицирана со коронавирус во земјава, кои досега не покажаа симптоми дека се заразени. Најкритична и ризична група, вели министерот за здравство, се луѓето кои се во инкубација, поточно немаат симптоми на болеста, а за кои нема информација дека биле во директен контак со заболените.

Филипче вечерва информираше дека денеска се проверени 20-ната туристи од Сингапур и од Јапонија кои од Романија преку Деве Баир влегеа во земјава и сите, како што рече тој, биле здрави.

 

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ