Два ипол милиони евра донации во солидарниот фонд за Ковид-19

Два ипол милиони евра вкупно се донирани досега на донаторските сметки на Владата и на Министерството за здравство како солидарен фонд за Ковид-19. Околу половина милион евра се на сметката на Владата и два милиони на сметката на Здравство. Од Владата не сакаат да кажат кои се донаторите иако се обидовме да дојдеме до информации кои од функционерите ги има на листата.

Влада на РСМ: Во тек е подготовка на веб-страна на која ќе може брзо и едноставно да се донира во Ковид-фондот и на која ќе бидат објавени физичките и правни лица кои веќе донирале или понатаму ќе донираат. Штом заврши процесот, веднаш ќе ја објавиме комплетна листа на сите донатори на веб страна доколку за истото се согласат.

На сметката на Владата досега донирале 895 физички и правни лица. Првата уплата е на 9 април. Дел од политичарите дале свој придонес, но не сакаат да откријат кој и колку дал од свој џеб. Пратеничката група на СДСМ два месеци е на минимална плата и со тоа дава свој придонес во кризата, вели координаторот Јован Митревски.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ направиле конкретна донација. Повеќе од четири илјади дезинфициенси завршиле во една од институциите – Министерството за внатрешни работи. Зошто само во МВР, координаторот на пратеничката група Никола Мицевски вели дека оттаму им било побарано.

Институции за кои е познато дека земаат повисоки плати, многу повеќе од просечната, на различни начини придонеле кон ублажување на Корона-кризата. Телма исконктактира со Регулаторната комисија за енергетика од каде што не информираа дека претседателот се согласил да зема минимална плата.

Регулаторна комисија за енергетика:

„Сите членови на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги имаат донирано индивидуално и на различни начини. Начинот и висината на донацијата за борба со Ковид-19 е личен чин и истиот не го експонираме во јавноста преку соопштенија.“

Од Агенцијата за електронски комуникации на прашањата на Телма одговорија дека во солидарниот фонд донирале деветстотини илјади евра. Дополнително, на сметка на членовите на Комисијата за месеците април и мај не се исплатени парични средства согласно Уредба на Владата. Од Агенцијата за супервизија на осигурување не одговорија на прашањата на Телма, дали претседателот и останатите членови донирале дел од својата плата за солидарниот фонд за борба со Ковид-19

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ