
Дураку има време за прослави ама нема време за граѓаните
Министерот за животна средина Садула Дураку вчера изјави дека тој не се занимава со граѓаните, за денес да се правда дека не го мислел тоа.
Македонија цела есен и зима диши загаден воздух, но Дураку вчера првпат и се обрати на јавноста.
Пред камерата на Сител кажа дека Македонија може да троши само онолку колку што има и одби да ја коментира најавената тужба од граѓаните за уништено здравје.
Го побаравме Дураку да појасни зошто не се занимава со граѓаните бидејќи тој добива државна плата од 72 илјади денари, незначително повисока од министерката за правда Рената Дескоска.
Но, во коментар за Телма во самодобрана кажа дека бил изваден од контекст. Избегна да одговори што мисли со тоа дека – „Македонија не е Швајцарија“ затоа што немал време од многуте состаноци. Од Владата нема да побараат одговорност од министерот за ваквата изјава. Оправдувањето е дека тој не го зборува добро македонскиот јазик.
Ако Дураку го нема во јавноста да одговара на новинарски прашања за теми поврзани со загадувањето и животната средина, тој може да се види во друштво на високи политички претставници, насмеан и ведар.
Неговиот работодавец – Владата вели дека аерозагадувањето е стратешки приоритет. Подготвија програма, а Министерството за животна средина за неа има буџет од еден ипол милион евра. Наспроти тоа, невладините реагираат дека толку пари не се доволни за нешто што е стратешки приоритет.
За Владата главна причина за загадувањето се граѓаните, кои се греат со нафта, пластични предмети, и најразноразни отпадоци. Веднаш зад граѓаните кои се граат со што ќе најдат, се граѓаните кои имаат стари автомобили, велат надлежните кои подготвија и мерки против нив.
Според сите статистики, воздухот во Скопје е меѓу најзагадените во Европа, но и во светот. Сепак, градоначалникот Петре Шилегов го кандидирал главниот град да биде во конкуренција за „Најзелен град“ за 2021 година.
Награда која се доделува на градовите кои се трудат најмногу за да ја подобрат животната средина.
Петар Догов