
Дупки и нерамнини наместо асфалт до тетовско Луковица
Ова е единствениот пат во Западна Македонија кој не е асфалтиран, а води до населено место. Преполн со дупки и нерамнини.
Погоден за офф роуд, но не и за овие мештани кои секојдневно мораат да се движат по шесткоилометарската делница за да стигнат до тетовска Луковица.
Селото е сместено на планината Сува Гора, над езерото Козјак во преубава природа. Но за да стигнеме до таму често ги кршиме возилата, или одиме организирано со комби превоз, велат жителите.
Како и многу планински села, така и Луковица ја доживува судбината на исселување. Има околу стотина куќи, но тука постојано живеат педесетина жители.
Голем број од мештаните се иселиле токму поради патот. Не можат да одат ниту на работа, децата на школо, а тие што се занимаваат со сточарска дејност немаат услови да го транспортираат производот.
Борче Милошевски има фарма со околу 200 грла кози. Млекото и сирењето му се барани, сака да ја прошири дејноста, но нема услови.
Селото Луковица е оддалечено околу 30 километри од Тетово, припаѓа под Општина Желино. Од месната заедница велат дека досега од градските власти добивале само ветувања, дека кога ќе изнајдат финансиски средства ќе го асфалитраат патот. Во меѓувреме градоначалникот на Општина Желинo Блерим Сејдиу на својот фејсбук профил, постојано се фали со разни инфраструктурни проекти меѓу кои и асфалтирање на нови улици.
Зоран Димовски