ДУИ ветува дека ќе испорачаат 80.000 гласови за Пендаровски

На гласањето в недела, ДУИ ќе обезбеди 80 илјади гласови за Пендаровски. Ова ветување доаѓа од раководните органи и штабови на партијата, по анализата дека албанците го даваат својот глас за кандидат – македонец, главно во вториот изборен круг. Во првиот круг, велат од ДУИ, 50 илјади албанци гласале за Пендаровски, 25 илјади за Река, а голем дел останале дома. Бојкотот носи претседателска и парламентарна криза, а ќе му користи само на ВМРО ДПМНЕ, предупредува Изборниот штаб на ДУИ. На 5 мај, велат, се одлучува меѓу белото и црното, перспективата и регресот.

Сите партии и кандидати се уверени дека цензусот ќе биде исполнет. Гордана Силјановска-Давкова повикува во иднина ова уставно правило да се укине, што е препорака и на Венецијанската комисија.

И Стево Пендаровски повикува на излезност. Партијата што го номинираше, СДСМ, најави дека доколку тој не победи или доколку нема цензус, ќе се организираат не само нови претседателски туку и предвремени парламентарни избори.

За да биде избран претседател во вториот круг, на гласање треба да излезат нешто повеќе од 720 илјади гласачи. Доколку тоа не се случи, постапката се повторува со нови избори. Мандатот на Иванов завршува на 12-ти мај, а доколку на петти мај не се избере претседател, до конечниот избор, функцијата ќе ја извршува Талат Џафери. За да се сменат овие уставни правила, со укинување цензус или бирање претседател во Собрание, потребни се нови уставни измени и дво-третинско мнозинство.

 

Соња Николовска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ