
ДУИ се премисли, сепак ќе го поддржи Законот за недискриминација
ДУИ се премисли и сепак ќе го поддржи законот за заштита од дискриминација. Бујар Османи, вицепремиерот за европски прашања, три дена откако изјави дека во ДУИ постојат дилеми за овој Закон и оти не треба да се брза за него, денеска во изјава за Нова ТВ ретерираше изјавувајќи дека ДУИ сепак ќе го поддржи законот.
„ДУИ го подржува овој Закон и ќе гласаме за подршка на Законот. Точно е дека реков дека се уште има предрасуди во партиите, вклучувајќи ја и мојата партија поради некои мислења дека можеби електоратот има предрасуди. Јас мислам дека и електоратот и луѓето созреваат во однос на ова прашање и ДУИ го рефлектира тој став и дава подршка“, вели Османи за Нова ТВ.
Според Османи неговата изјава за Законот од вторникот дадена во Топ Тема на Ваша страна била извадена од контекст.
„Има одредени разлики меѓу политичките партии по однос на одредени категории кои што треба да бидат вклучени во Законот., Се разговара со политичките партии бидејќи се уште постојат веројатно предрасуди и кај политичките партии или пак тие мислат дека постојат предрасуди кај електоратот што го претставуваат, па дали тоа може да се рефлектира врз нив. Меѓутоа сметам дека низ дијалог ќе успееме да ги вклучиме сите категории, бидејќи тое се вредностите кои што Европската унија ги…“
„За кои категории се работи“?
„Па зборувам за ЛГБТ заедница, меѓутоа и други спорни категории на кои што сега не можам да се сетам… Точно е дека и во ДУИ постојат се уште тие дилеми, постојат и во другите политички партии, меѓутоа сметам дека треба да се остави простор да разговараат и да постигнат едно решение и дека не треба да се притиска ова решение се додека овие предрасуди не се разговараат и со електоратот и со партиите кои што го претставуваат тој електорат“, изјави Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања во Топ Тема на Ваша страна. (22.01.2019)
Со давањето на зелено светло од страна на ДУИ за Законот за недискриминација, кој е со европско знаменце и е дел од пакетот реформи кои ги бара Европската комисија во делот на човековите права во земјава, против законот останува ВМРО-ДПМНЕ. Носењето на законот е закочено во Комисијата за труд и социјала, чиј претседавач Влатко Ѓорчев од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, како што обвинија членови на Комсиијата од редовите на власта, не сака да го стави на дневен ред.
Телма побара став од Ѓорчев околу Законот, за кој тој потврди дека го смета за спорен, но оти ставањето на законот на дневен ред на Комисијата не зависи од него, туку топката ја префрли на неговата заменилчка, сопратијката Весна Пемова. Ѓорчев вели дека во моментов е зафатен со други обврски и дека водењето на Комисијата го препуштил на Пемова.
Граѓанските организации кои работата на полето на човековите права, но и на европските интеграции остро го осудија кочењето на носењето на законот и побараа влада да најде решение за тоа.
Тамара Грнчароска