ДУИ се надева на договор со СДСМ за заеднички кандидат на претседателските избори

Претседателските избори ќе  се распишат на 2 или 3 февруари, соопшти Собранискиот спикер  Талат Џафери. Тој нема да влезе како кандидат  во претседателската трка.

ДУИ очекува да постигнат договор со СДСМ за заеднички кандидат за претседател кој ќе биде прифатлив за двете страни. Преговорите ќе започнат по усвојувањето на уставните измени.

Социјалдемократите велат дека се уште е рано да се лицитира со имиња. Внатрепартиската процедура не е започната. Очекуваат убедлива победа на изборите.

ВМРО-ДПМНЕ ќе го бира кандидатот на оглас кој ќе се распише на 11 јануари. Имињата ќе бидат познати на 16 јануари, а изборот ќе се изврши на партиска конвенција на 16 февруари.

Зоран Заев, Христијан Мицкоски, Никола Димитров, Стево Пендаровски, Бујар Османи, Имер Селмани се дел од имињата кои се вртат во јавноста како можни кандидати за претседател. Последната анкетата на Телма и МЦМС покажа дека испитаниците најмногу доверба му даваат на Премиерот Заев. Мандатот на Претседателот Иванов истекува на почетокот на мај. Според Уставот изборот на нов Претседател се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот.

Јулијана Пешевска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ