
ДУИ се финансира од државни институции, ВМРО-ДПМНЕ рекордер по донации
ВМРО-ДПМНЕ рекордер по добиени донации за 2017 година. 902.190 евра се регистрирани во извештајот доставен до Државниот завод за ревизија. Веднаш зад нив е ДУИ со околу 305.000 евра додека на сметката на СДСМ легнати се 33.640 евра.
Најголеми донатори кај ВМРО-ДПМНЕ се физички лица: Сеад Личина донирал 15.000 евра, Никола Бошковски. Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски дал 5.000 евра а исто толку од својот буџет одвоиле и поранешните министри Миле Јанкиески и Владимир Пешевски, како и пратениците Антонијо Милошоски, Зоран Илиоски, Драган Цуклев.
Поголемиот дел од останатите пратеници донирале од 1.000 до 3.000 евра. Кај ДУИ како најголем донатор се јавува Министерството за правда 15.706.981 денари. Од партијата велат дека тоа биле приходи од нивните функционери кои се вработени во оваа институција при што биле префрлени со траен налог по 5% од нивната плата на партиска сметка.
Во извештајот како донатори на партијата наведени се АД Македонска пошта, Дирекцијата за заштита и спасување, ЈП Македонски железници, АД Аеродроми, ЈП Македонски железници, Фонд за ПИОМ, Државниот студентски дом Пелагонија и Општина Липково.
За ваквиот начин на собирање парични средства претходно реагираа и Транспаренси интернешнл и Антикорупциската комисија која го извести Основното јавно обвинителство за постоење основано сомневање за злоупотреба на буџетски средства и средства од јавни фондови во финасирањето на ДУИ.
Движењето Беса за една година добило околу 3.000 евра донации. Останатите политички партии во дописот до Државниот завод за ревзија навале дека немале донации во изминатата година. Без донации се Алијансата на Албанците, ДПА, СПМ, Достоинство, ДОМ, ВМРО–НП, Партијата на Власите, Партијата на Турците и други.
Јулијана Пешевска