
ДУИ очекува Венецијанската комисија да не го преиспитува целиот закон за употреба на јазиците
ДУИ се надеваат дека Венецијанската комисија нема да го преиспитува целиот Закон за употреба на јазиците, туку само спорниот дел што се однесува на двојазичноста на книжните пари и на униформите на Армијата. Делегацијата што е во дводневна посета на земјава, се интересирала за сите аспекти на законот, почнувајќи од употребата во образовниот и правосудниот систем, па се` до надлежностите на инспекторатот што треба да се формира.
Сепак, крајната одлука за тоа, дали ќе се изјаснат за целиот закон или само за спорните одредби, ќе ја има Венецијанската комисија. Кај нив беше испратен целиот закон, кој веќе стапи на сила уште во јануари минатата година, со посебен акцент на членот 8, што се однесува на двојазичноста на парите и униформите. Се бара мислење, дали е во согласност со Уставот и со унитарниот карактер на државата. Спорниот член засега го нема во законот, но од владејачкото мнозинство велат дека може да биде вметнат доколку Комисијата се изјасни позитивно.
Од ВМРО ДПМНЕ пак, тврдат дека, одлуката на Комисијата не е обврзувачка.
ВМРО ДПМНЕ се противеа на носењето на законот, поднесоа над 36 илјади амандмани, но за нив не се ни расправаше, затоа што претседателот на Комисијата за Европски прашања, Артан Груби, деловнички ја одбегна расправата.
Делегацијата на Венецијанската комисија овие два дена ќе ги чуе мислењата на сите пратенички групи и на владата. Немаат конечен рок, но најавија дека ќе дадат свое мислење во октомври.
Далиборка Демјанска Цветановска