ДУИ не се пречка за една изборна единица туку партискиот консензус?!

Противењето на ДУИ за една изборна единица нема да биде пречка за промена на изборниот модел, проблем е партискиот консензус. Премиерот денеска изјави дека ставот на ДУИ нема да ги спречи СДСМ да го реализираат предизборното ветување, но традиција е изборниот модел да се менува со согласност од сите партии, а такво нешто засега нема.

 Коалиционите партнери, ДУИ, вчера повторија дека за нив е најприфатлив постоечкиот, пропорционален модел, што гарантира застапеност на другите заедници во Собранието. Немаат ништо против отворени листи, што, неофицијално, се варијантата која на крај ќе биде прифатена. ВМРО-ДПМНЕ, пак, нудат мнозински модел со кој велат дека нема да има потреба од отворени листи.

Опозициските партии на Албанците, се за 3 изборни единици, а македонските за една. Павле Трајанов денеска од сите лидери побара средби на кои ќе се разговара за оваа варијанта, при што и понатаму да остане пропорционалниот изборен модел без изборен праг.

Со сегашниот модел, помалите партии, дури и кога ќе освојат околу 30 илјади гласа, ако не им се концентрирани во една изборна единица, немаат свој пратеник. Мандатите ги добиваат само големите партии, што резултираше со широки коалиции.

Од друга страна, пак, мнозинскиот модел, кој Македонија го имаше на почетокот од осамостојувањето, се покажа како неекономичен при изборот на пратеници, поради двата изборни круга. Овој модел, со кој, мандатот го добива кандидатот кој ќе освои најмногу гласови, и сега се применува при избор на претседател на државата и на градоначалници.

Повеќето експерти се согласуваат дека со овој систем, најмногу мандати повторно ќе добијат двете најголеми партии, иако предноста е што на помалите им се дава шанса со самостоен настап да влезат во Собранието. Доколку се одлучат за една изборна единица, клучно прашање ќе биде и колкав да биде изборниот праг, затоа што во светот не постои држава со една изборна единица без праг.

Далиборка Демјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ