
ДУИ го презема кормилото за убедување на ВМРО-ДПМНЕ
На половина од десетдневниот рок што Владата го даде за да се обезбеди дво-третинска поддршка за уставни измени, нема видливо окрупнување на приврзаниците на опцијата „за“. Во напорите да се убедат барем 9 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кормилото го презеде ДУИ. Потврдуваат дека лидерот Ахмети вчера се сретнал со Христијан Мицкоски, а пратеници од двете партии се во постојана комуникација. Од ДУИ велат дека го потсетуваат ВМРО-ДПМНЕ дека уште во изборната програма од 2016 стои дека ќе се залагаат за решавање на спорот со името и дека стратешка определба на Македонија се НАТО и Европската унија.
Во СДСМ порачуваат дека предвремени избори не се првиот избор, но нема многу време за губење. Охрабрени се што неколку опозициски пратеници покажале храброст и се одважиле да излезат на гласање. За детали во овој момент не сакаат да зборуваат.
Ниту еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ јавно не покажува намера да гласа за менување на Уставот. Се шпекулира дека имаат притисоци од двете страни. Партиското раководство не потврдува дека од пратениците е побарано да потпишат изјави дека нема да гласаат уставни измени за промена на името на државата.
Неформалниот рок за обезбедување поддршка од барем 80 пратеници истекува во првите денови од наредната недела. Премиерот Заев најави дека доколку тоа не успее, Собранието ќе се распушти и ќе се оди на предвремени избори на 25 ноември. За избори е подготвена и ВМРО-ДПМНЕ. Синоќа Централниот комитет побара општинските комитети итно да формираат општински изборни штабови, кои ќе функционираат до завршувањето на претседателските избори.
Соња Николовска