
Државните институции вработуваат и покрај забраната заради изборите
Вработувањата „на државно„ продолжуваат и покрај забраната, пред избори да се вработуваат лица во државни и јавни институции. Од Антикорупциската комисија потврдуваат дека има такви случаи, но не откриваат за кого се работи и во кои институции се вработува.
Од постапките што ги отворија за да се утврди како се одвивало вработувањето во јавната администрација на роднините на функционерите од актуелната и поранешната влада се` уште нема резултат. Целиот случај, но и понатамошните евентуални злоупотреби, ќе ги испитува и нова комисија што ќе се формира во Агенцијата за администрација. Засега нема да има софтвер со чија помош ќе може да се утврдува дали постои непотизам при аплицирање за вработување.
Неколкумина роднини на функционери се повлекоа од работните места, како мајката на Костадинов, синот на Мисовски, сопругот и братот на Стојчевска и дедото на Кирацовски.
Анткорупционерите досега формираа над 60 предмети за непотизам и судир на интереси. Меѓу нив е и предметот за ќерката на спикерот Талат Џафери, роднините на министрите Крешник Бектеши и Сухејл Фазлиу,на пратениците Тања Ковачева, Анета Симеска, Сашко Атанасов и уште десетина други пратници, како и на судии, градоначалници и амбасадори.Предметите се отворени и за поранешните функционери Милошоски, Божиновски и Јанушев. Во меѓувреме, опозицијата достави уште стотина случаи, а секојдневно пристигнуваат и пријави од граѓани.
Далиборка Дамјанска Цветановска