
Државниот просветен инспекторат од понеделник ќе врши надзор на постапката за избор на ректор на УКИМ
Државниот просветен инспекторат од понеделник ќе врши надзор на постапката за избор на ректор на УКИМ, велат од инспекторатот за Телма. Вонредниот надзор доаѓа по барање на Државната комисија за спречување корупција и Независниот академски синдикат. Според нив, спорна е започнатата постапка за избор на ректор на УКИМ во вонредна состојба, и што актуелниот ректор Јанкуловски, кој противзаконски претседава со Сенатот , е кандидат за втор мандат. На Ректорска управа помина текстот за распишување оглас за избор на нов ректор на УКИМ, со рок за пријавување од 5 дена, што го оспори НАКС, а Јанкуловски вели дека периодот за пријавување ќе биде околу 10 дена, што е доволно за секој кандидат со визија.
Државниот просветен инспекторат веќе распоредил инспектор, кој од понеделник ќе изврши вонреден надзор на постапката за избор на ректор на УКИМ, по барањето на ДКСК и НАКС. Надзорот ќе почне на 1 јуни , согласно насоките на Владата, за активно враќање на работа, вели директорот на Просветниот инспекторат.
- Поради тоа што се работи за вонреден надзор , кој бара непосреден контакт со методологијата за прибирање на документацијата, вршење разговори, собирање изјави, очекуваме дека тоа ќе се изврши во најскоро време , по создавање на условите – Томе Спировски – директор на Државен просветен инспекторат.
По изборот на Универзитетеска изборна комисија, денеска на седница на Ректорска управа е изгласан текстот за распишување оглас за избор на нов ректор на УКИМ, со рок на пријавување на кандидатите од 5 дена. Тоа според НАКС е невообичаено зашто и за ректор и за избор на декани, рокот за пријавување до сега бил 30 дена. Актуелниот ректор Никола Јанкуловски вели дека Ректорската управа е надлежна за утврдување на огласот. Огласот е утврден со огромно мнозинство гласови на членовите на Управата, потенцира Jанкуловски.
- Огласот ќе трае 5 работни дена , односно заедно со неработните денови . Периодот на пријавувањето од страна на кандидатите ќе трае околу 10 дена, што е сосема доволен за секој еден универзитетски професор кој има сериозна визија, знаење и вештини за раководење на својор матичен универзитет. Секое намерно оддолжување на роковите, согласно Статутот -15 јули односно 15 септември , водат во запловување во незаконити рокови , кои би имале непопуларна завршница, избор на в.д. ректор, нешто што не се случило за 71 година , во историјата на УКИМ – Никола Јанкуловски-ректор на УКИМ.
ДПИ ќе врши надзор по вчерашното барање на Државната комисија за спречување корупција, за примената на Законот за високо образование и Статутот на УКИМ, во постапката за избор на нов ректор, во вонредна состојба. ДКСК постапи по пријава за сомнеж, за судир на интереси, зашто ректорот Јанкуловски, претседава сo Сенатот што е спротивно на ЗВО и како кандидат за нов ректор е вклучен во постапката за избор. Реагираа и од НАКС, дека уште во март, до ДПИ е испратена пријава за злоупотреба на функцијата од Јанкуловски, но до сега по неа не е постапено. Директорот на ПИ со одговор дека не постапуваат по анонимни пријави.
Сотир Трајков