
Државниот просветен инспекторат од понеделник ќе врши надзор на постапката за избор на ректор на УКИМ
Државниот просветен инспекторат од понеделник ќе врши надзор на постапката за избор на ректор на УКИМ, велат од инспекторатот за Телма. Вонредниот надзор доаѓа по вчерашното барање од Државната комисија за спречување корупција и од Независниот академски синдикат. Според нив, спорна е започнатата постапка за избор на ректор на УКИМ во вонредна состојба, и што актуелниот ректор Јанкуловски, кој противзаконски претседава со Сенатот , е кандидат за втор ректорски мандат.
Државниот просветен инспекторат веќе распоредил инспектор, кој од понеделник ќе изврши вонреден надзор на постапката за избор на ректор на УКИМ, согласно насоките на Владата, за активно враќање на работа од 1 јуни, вели директорот Спировски.
- Поради тоа што се работи за вонреден надзор , кој бара непосреден контакт со методологијата за прибирање на документацијата, вршење разговори, собирање изјави, очекуваме дека тоа ќе се изврши во најскоро време , по создавање на условите, вели Томе Спировски – директор на Државен просветен инспекторат.
ДПИ ќе врши надзор по вчерашното барање на Државната комисија за спречување корупција, за примената на Законот за високо образование и Статутот на УКИМ, во постапката за избор на нов ректор на УКИМ, во вонредна состојба. ДКСК постапи по пријава за сомнеж, за судир на интереси, зашто актуелниот ректор Никола Јанкуловски, од позиција на претседавач на Сенатот , превзема активности за формирањето на Универзитетската изборна комисија, која е дел од постапката за избор на ректор, а тој е кандидат за нов мандат. Реагираа и од НАКС, од каде рекоа дека уште во март, до ДПИ е испратена пријава за злоупотреба на функцијата од ректорот Јанкуловски, но до сега по неа не е постапено. Директорот на ДПИ со одговор , дека не постапуваат по анонимни пријави. Ректорот Јанкуловски за Телма изјави дека не постои генерален акт кој регулира дека изборите за сите органи и тела , се стопираат за време на вонредна сотојба . Постои уредба со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес, но таа ги регулира само парламентарните избори кои се во тек, изјави актуелниот ректор. Денеска на седница на Ректорска управа е утврдувањето на текстот за распишување оглас за избор на нов ректор на УКИМ, со рок за пријавување на кандидатите од 5 дена. Тоа е невообичаено според НАКС, зашто и за ректор и за избор на декан, рокот за пријавување до сега бил 30 дена.
Сотир Трајков