
Државниот инспекторат сеуште го чека извештајот на Општина Сарај
Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам сеуште го чека извештајот од Општина Сарај околу статусот на трите платформи поставени во заштитеното подрачје на Кањонот Матка. Оттаму потврдија дека пред самиот истек на законскиот рок од пет дена кај нив нема одговор на барањето кое во понеделникот го испратија до Општината. Доколку рокот биде пробиен и извештајот не биде доставен од Инспекторатот најавуваат деќа ќе поднесат ургенција до градоначалникот на Општината. Тоа значи дека и министерството за транспорт и врски ќе причена уште најмалку една недела пред да ги добие насоките од Инспекторатот односно да одлучи дали ќе ги одземе ингеренциите на локалната власт.
Градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети, денеска не беше достапен на мобилниот телефон за да одговори дали екипа излегла на терен како што побара Инспекторатот и кога ќе биде испратен извештајот. Оттаму засега нема информација дали е почната постапка за легализација за било која од трите платформи за кои градоначалникот кажа дека се дивоградби. Беџети потврди дека во Општината се поднесени барања за легализација на платформите. и најави дека ќе се обиде да најде правно решение наместо да руши.
Вчера заменик министерот за животна средни Јани Макрадули изјави дека Законот за заштита на пределот на Матка и законот за заштита на Парк шумата Водно се во завршна фаза на изработка и со нив ќе се регулираат зоните на строга заштита во овие подрачја.
Огнен Чанчаревиќ