Државни пари за фирмите на лето, со или без закон

Дури и законот за поддршка на инвестициите да заглави и да не биде изгласан навреме, компаниите сигурно ќе ги добијат субвенциите што им следуваат, иако ќе почекаат до летните месеци. Анѓушев ги повика сите пратеници, и оние од опозицијата, да го препознаат економскиот интерес на државата и да го поддржат законот, кој утре ќе помине на владина седница, но дури и ако тоа не се случи, во што не верува, средствата ќе се делат согласно владината програма. За малите и средни фирми, пак, кои ќе добиваат пари преку Фондот за иновативност, иако тој нема да одлучува за средствата, првиот оглас треба да биде распишан овој месец.

„Пари оваа година ќе бидат исплатени, програмата ќе се имплементира, со или без закон. Закон носиме за на сите компании да им ја направиме ситуацијата правно предвидлива“, рече вицепремиерот Анѓушев.

Фирмите кои ги исполнуваат критериумите за државните пари ќе можат да аплицираат во Агенцијата за ТИРЗ или во онаа за странски инвестиции, по што мешовита комисија од професионалци ќе одлучува колку средства им следуваат согласно резултатите од нивните завршни сметки. Се очекува државна помош да побараат околу 7.000 компании. Оние што нема да бидат задоволни ќе се жалат во второстепена владина комисија составена од членови на сите економски министерства, тие ќе ги разгледуваат сите жалби, но на крајот ќе пресече Владата. Нема да има простор за никаква субјективност, тврди вицепремиерот, затоа и нема да има потреба од тело што ќе ја следи распределбата на парите.

„Владата конечно ќе одлучува за списокот на фирми и за сумите. Апсолутно дематирам дека ќе се одлучува во кабинети“, рече Анѓушев.

Бизнисмените од Сојузот на стопански комори каде вицепремиерот дојде да дискутираат за мерките, велат дека не може да не биде добра владина програма што поддржува инвестиции, но ми ги кажаа и предизвиците на кои наидуваат во секојдневното работење.

„Компаниите кои планираат инвестиции преку Фондот за иновации ќе можат да аплицираат за да добијат поврат на тие средства, ги охрабрувам да ги искористат“, рече Данела Арсовска, претседател на ССК.

Покрај буџетските средства, за идната година Владата за поддршка сака да ги вклучи и европските ИПА пари, од околу 40 милиони евра.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ