
Државата премолчено ја дозволува злоупотребата на „црвената“ нафта
Државата неформално ја дозволува употребата на црвената нафта како гориво, што е со закон забрането, особено ако се знае дека таа е 100 потоксична од дизел горивото. Министерот за економија Крешник Бектеши денеска потврди дека ја знае разликата меѓу „црвената“ и „зелената“ нафта, еден еден ден откако изјави дека државата не може да ја забрани употребата на „црвената“ нафта т.е. екстра лесното масло за домаќинство, бидејќи ја користеле земјоделците.
За земјоделците инаку наменета е „зелената“ нафта, за која тие од август добиваат дури и субвенции од државата. „Црвената“ нафта е наменета за домаќинствата за греење. Но јавна тајна е дека таа завршува во автомобилите, камионите, земјоделските машини, со оглед дека за загревање за домаќинставата потребите од оваа нафта се шест милиони литри, но во државава се трошат 56 милиони литри „црвена“ нафта. Оваа нафта која во моментов е околу 12 денари поефтина од дизелот, содржи 100 пати повеќе сулфур од него.
Инаку секоја година како последица од загадувањето на воздухот во земјава умираат повеќе од 3.000 лица, а 36% од загадувањето на воздухот отпаѓа на транспортот.
Владата која декларативно е за намалување на загадувањето и на хартија носи мерки за тоа, нема конкретен одговор за забрана или зголемување на акцизата за „црвената“ нафта кој енормно испушта отровни гасови, а е ефтина и достапена насекаде.
Што се однесува во акцизата тоа е до министерството за финансии, Законот за акцизи. Обратете се до министерството за финансии бидејќи тие ги прават сите анализи и какви се буџетските импликации,
изјави Крешник Бектеши, министер за економија.
За забрана на црвената нафта не е ни опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Мислам дека бо овој момент, без да е оди на забрана, треба да се зајакнат контролите, односно надлежнбите органи да си ја вршат својата работа,
изјави Трајко Славевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
За контролите Бектеши вели дека се грижи државната мобилна лабораторија која се користи од Бирото за метрологија во соработка со Државниот пазарен инспекторат. Но од инспекторатот пак велат лабораторијата се уште не е стигната. Директорот на пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски, во четвртокот за Телма потврди дека тие имаат сознанија за злоупотреба на „црвената“ нафта, но за полесно да ги докажат чекаат да ја добијат мобилната лабараторија од Бирото за метрологија.
Дотогаш, „црвената“ нафта слободно ќе се вози по улиците на земјава, која пак руши светски рекорди по загаденост на воздухот.
Тамара Грнчароска